Македонски шашлиќ
    За подготовка на ова јадење за 4 лица потребни ви се следниве производи:

- 500 свинска кртина
- 500 гр. Јагнешко месо
- 2 ленти сланина
- 1 морков
- мешан зеленчук
- 1 главица кромид
- 1 главица прокељ
- свежа зелена пиперка
- 1 главица карфиол
- масло за јадење
- сол и црн пипер

Потребно време за подготовка на ова јадење е 60-тина минути.

Го земаме јагнешкото месо и со остар нож ги отстрануваме коските. Потоа месото го сечеме на плочкасти парчиња, притоа отстранувајќи ги масните делови. Парчињата јагнешко месо ги оставаме настрана. Потоа го земаме свинското месо, па и него го сечеме на плочкасти парчиња, по големина еднакви како и парчињата од јагнешкото месо. И едната лента од сланината ја сечеме на плочкасти парчиња. Потоа го земаме морковот го сечеме по должина на половина, па половинките ги сечеме на 3 дела по должина. Ја земаме главицата кромид, па од четирите страни сечеме покрупни парчиња, оставајќи ја средината на кромидот. Потоа ја земаме иглата на која ќе го редиме ражниќот. Ставаме најпрвин едно парче свинско месо, па едно парче од морковот, потоа парче од сланината. Ја земаме свежата зелена пиперка па и неа ја сечеме на плочкасти парчиња. Потоа на иглата за ражниќот ставаме парче од свинското месо, па парче од свежата пиперка. Потоа редиме парче од јагнешкото месо па парче кромид. Потоа ставаме парче сланина, па парче свинско месо. Истата процедура ја повторува при редењето на секоја од четирите игли за ражниќот. Најодозгора ставаме парче морков. При редењето на шашлиќот нема некое особено правило за редоследот на производите, битно е помеѓу парчињата месо да има парчиња зеленчук, или сланина. Вака подготвените 4 шашлиќи ги посолуваме од двете страни и ги наросуваме со црн пипер. Потоа шашлиќите ги ставаме на скара да се печат. Скарата на која се печат шашлиќите ја поклопуваме со тава. За време на печењето ја тргаме тавата и шашлиќите ги превртуваме за да бидат подеднакво испечени од сите страни. Шашлиќите во текот на печењето ги попрскуваме со масло за јадење. Повторно ја поклопуваме скарата со тава и ги оставаме шашлиќите да се печат. Кога шашлиќите ќе добијат убава румена боја, ги тргаме од скарата и ги ставаме на чинија за послужување. Го земаме преостанатото парче сланина, кое е засечено од едната страна и го ставаме на скарата за печење. За време на печењето го превртуваме, за да биде добро испечено од двете страни. Додека се пече парчето сланина, ги земаме двата претходно сварени компири и ги ставаме на чинијата за сервирање. Секој од компирите го обвиткуваме со листови зелена салата. Потоа во компирите ги забодуваме шашлиќите со врвовите. Кога парчето сланина е печено го тргаме од скарата и го ставаме помеѓу шашлиќите, делумно обвиткувајќи ги. Мешаниот зеленчук го ставаме на краевите на чинијата. И граанчињата од прокељот ги ставаме кон краевите на чинијата, позади шашлиќите, а декорацијата ја завршуваме со ставањето на гранчињата карфиол помеѓу прокељот и мешаниот зеленчук. Со ова македонските шашлиќи се подготвени за дегустација.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете црвено вино.

Добар апетит.